И така, алармот трештел и во Министерството за култура. Што да прават? Што да сработат? Им текнало дека грижата за старите историски градби е еден од врвните приоритети во европските држави. Не се штеди ниту средства, ниту време, ниту енергија, за да се заштитат.
А нам историјата ни дала многу. Македонија изобилува со историски градби од различни периоди и се сетиле дека го заборавиле Аквадуктот, за кој многу пати се ветуваше дека ќе се заштити. Тој е еден од најстарите „жители” на Скопје – видел сѐ и сешто. Ги памети и Римјаните и Османлиите, ги поминал и балканските и светските војни. Ја памети и негрижата на владетели на Македонија и на Скопје во последите 30-тина години, а како во магла се сеќава и на последната негова реконструкција по скопскиот земјотрес во 1963 година.
А, Аквадуктот покрај тоа што долго памети, знае и кога има избори, затоа што тогаш сите сакаат да му се во друштво, да се врткаат околу него, да држат пресови и да се расфрлаат со планови и ветувања за негова заштита. Тој се сеќава и како сегашната државна и градска власт го бранеше од поранешната, обвинувајќи ја дека не води доволно грижа. Ах, кога би можел да мрда и да збори, тој сега сигурно би им викнал: УААА, на оние кои пред неколку дена ги повторија старите најави дека ќе го згрижуваат.
Впрочем, како и пред неколку дена, кога Министерството се разбуди од изборниот аларм, одлучни најави за заштита, Аквадуктот добиваше и досега. И во 2011 година и во 2014, а последна голема најава беше кон крајот на 2018 година кога премиерот Заев, тогашниот министер за култура Алаѓозовски и скопскиот градоначалник Шилегов најавија акција за негова целосна заштита и конзервација и создавање на еден пријатен амбиент со повеќе придружни рекреативни и културни содржини.
Но и по три години ништо од тоа, освен што споменикот уште повеќе пропаѓа. Што ќе биде сега поразлично?
Ќе поминат и овие избори, ќе чекаме ли пак до следните за стариот Аквадукт повторно да ги добие старите ветувања? Или треба ли да се чека тој комплетно да се сруши, па потоа да се преземе нешто?
А не е ова случај само со Аквадуктот, Скопје има и други вакви објекти: споменици, цркви, манастири, џамии, анови… Историските објекти и во другите градови „плачат” за заштита.
Среќа градителите пред многу векови добро си ја завршиле работа, па Аквадуктот се уште „се држи”. Но, до кога? Но многу други споменици се во полоша состојба. Но…