Дедо Мраз ќе дошол во Македонија по 8 мај, оти сега му барале мито

Со син ми пред неколку дена решивме да му напишеме писмо на Дедо Мраз. Си замисливме желби (дете како дете ги бришеше моите, за да имало повеќе место за неговите), ама срочив и јас неколку, па земавме хартија да пишуваме: „Драг Дедо Мразе…“

И се до утрово му глумев на синот дека чекам Дедо Мраз да ни врати. Ама испадна дека сум бил во заблуда, оти навистина добивме одговор. Просто се изненадив кога утрово во поштенското сандаче најдов писмо од Дедо Мраз: „Не ме чекајте, не доаѓам кај вас за Нова Година, оти сега ми бараат мито – ќе дојдам во Македонија по 8 мај.

И пишува ли пишува во писмото – одговор, ни објаснува зошто се одлучил на ова…

Зошто не читаш на глас – ми вели син ми. А јас за да не го разочарам едно читам, друго му кажувам. Зарем да му кажам дека Дедо Мраз дошол до Табановце и се вратил?

Прво на граница не функционирал „one stop“ системот и бил направен хаос и гужва. Веднаш му побарале да почасти нешто ако сака влез преку ред. Дури му рекле дека ако почасти нешто пообилно може на брзина да добие функционерски македонски пасош, оти со нив не се чека.

Му побарале мито и за да ги пренесе подароците сосе санката, а му тутнале во рака и купче вирмани, затоа што морало да се уплати и данок однапред на секој подарок поединечно, оти државниот буџет бил во криза. Понатаму, не му дале дозвола за влез на елените – го уцениле дека мора да купи автомобил од тетовската фабрика за електрични возила, како промоција за власта. И згора на тоа, бул уценет да вози специјално од Скопје до Охрид и до границата со Косово, како промоција на новите достигнувања на Владата при изградбата на автопатиштата.

Дедо Мраз бил подготвен се да прифати само за да дојде да ги израдува децата во Македонија, ама на крај му побарале задолжително исполнување на желбата на власта – Ковачевски пак да биде премиер и по изборите.

Пишуваше уште многу, на колку се тоа пречки наишол при обидот за доаѓање кај нас, а малку и не кудеше оти и ние – народот сме малку виновни.

„Е затоа откажав, пренесете на Македонците, дека ќе дојдам по 8 мај“, заврши во своето писмо Дедо Мраз.

Тоа е. Кога ќе завршам со колумната ќе одам да купувам подароци за син ми, за да го надополнам отсуството на Дедо Мраз.

А јас немав некој особена желба за подароци, туку само општи желби за иднината на Македонија. Оти и минатата година напишав и сега ќе повторам: Во Македонија нема потреба Дедо Мраз нешто да донесува, туку да однесува.

И треба, под итно, да ги однесе од Македонија сите безрбетни функционери – политичари без цврста „кичма“, без самопочит и достоинство, кои, не само што не го чуваат и бранат достоинството на државата, туку го рушат на секој чекор.  Знам, нема да му е доволна една санка, а ниту дузина тетовски електрични возила нема да ги збере, но нека помогне еднаш вистински.

Ако тоа го стори многу проблеми полека ќе си заминат од Македонија. Секако самите ќе треба да го искорениме и лошотилокот и општествената неодговорност. Народот да почне да се да си помага еден со друг, независно од националност, вера, партиска припадност…

Но, да се разбереме, возрасни сме, може не случајно го избрал датумот за доаѓање по 8 мај. Нели тогаш изборите се…