Уште Уставот да го смениме и власта ќе ги донесе Гугл и Фејсбук во Македонија

Ќе дојдат странски инвестиции, ќе се вбризгаат во македонската економија, милијарда, три, пет… ама прво треба да го смениме името на државата и откако ќе станеме членка на НАТО ќе бидеме местото каде инвеститорите ќе трчаат да пристигнат. Ќе дојдат дури и Гугл, Фејсбук… а и многу други големи светски брендови.

Вака, пред неколку години тогашниот премиер Заев, со рака на срцето и со милни зборови ги уверуваше македонските граѓани. Народот не поверува и на референдум не прифати промена на името, ама Заев запна дека ќе го донесе Гугл и сличните големи компании и еве не со сменето име и еве не во НАТО, ама инвеститори ниту за лек. Цената што тогаш Македонија ја плати беше преголема и ненадоместлива: сменето име, менување на историјата, откажување од Македонците преку граница, проблематизиран идентитет… Македонија идентитетски е обезличена, а инвеститорите што требаше да не посипаат со евра и долари и да ни ги лечат раните – не дојдоа.

Па што чекаат инвеститорите? Не слушнале ли дека сме во НАТО?

Море, итрички се од власта, веднаш најдоа оправдување дека Ковид пандемијата ги обесхрабрила, но и оти не сме имале попис на населението, на што чекале инвеститорите, за да имаат точни податоци во кој регион и во која дејност да инвестираат. Пандемијата стивна и ја заборавивме, а и попис некако на сила направивме, ама инвеститори ред да чекаат на граница не видовме.

Пак ќе прашам: Па што чекаат инвеститорите? Не слушнаа ли дека и со пописот завршивме?

Иако, власта се фали со своите „подвизи“ и живее во филм како Македонија да е лидер во регионот по инвестиции, сепак и тие се свесни дека на ова поле не испорачаа резултати. Затоа, пак бараат ново оправдување. Сега на инвеститорите им сметал Уставот. Еве само да се сменел Уставот, да се внесат Бугарите во него и ќе ни тргнело. Гугл и Фејсбук нестрпливо чекаат Македонија да стане и членка на ЕУ, па ќе дошле.

Треба ли да прашам: Може не е проблемот во Уставот, името, пописот… Да не е проблемот сепак во политичарите на власт? Да не е проблемот во состојбите во општеството каде има премногу корупција, менување на закони и прописи секојдневно, недостаток на добра инфраструктура, правна несигурност…

Чинам оти инвеститорите чекаат тоа да се смени. А и македонските гласачи чекаат. Еве кај се изборите, за некој месец. Новата власт треба сериозно од првиот ден да се зафати со овој проблем – привлекување на директни странски инвестиции. Но и на домашни. Оти парите на македонските инвеститори не се поразлични од странските. А Македонија има успешни бизнис приказни и квалитетни менаџери кои можат да го поттикнат економскиот развој на државата. Само треба да им се дадат услови и да не стравуваат дека некој ќе им бара мито.