Home КОЛУМНИ Големите најави на малите партии завршуваат само во соопштенијата?

Големите најави на малите партии завршуваат само во соопштенијата?

0

Многу интересно е во македонската политика кога малиот сака да глуми голем. Тоа глумење трае долго и обично глумецот слабо се труди да стане главен лик. Дали е тоа комедија? Неизвесно е, претставата трае…

Но, да почнам од почеток.

Жешка пролет ни доаѓа! Се најавуваат штрајкови од синдикатите, опозицијата бара избори, а народот се уште трпи, стенка и бара начини како да преживее од први до први. Згора на тоа, цените на животните продукти излегоа од контрола – дивеат и растат преку ноќ, додека стандардот на граѓаните опаѓа со секој поминат ден. А власта си е комотна – си го тера својот филм за остварените ветувања за минималната плата и зголемените пензии. Па, по се изгледа дека жешката пролет ќе заврши со нејзино ладно туширање, па ќе биде принудена да се согласи на вонредни парламентарни избори?

Но, прашањето е по кој модел ќе се спроведат следните парламентарни избори? Ќе биде ли и понатаму собранискиот состав нереална слика за расположението на гласачите во Македонија? Ќе се смени ли сегашното изборно решение кое ги форсира само големите партии, а многу гласови и идеи на граѓаните остануваат пред вратата на Парламентот?

По две години „дремење” во собраниските фиоки, предлогот од неколку помали партии за промена на изборниот модел, конечно стигна на дневен ред. Ова е прашање што со години се избегнуваше да се реши, затоа што двете најголеми партии го блокираа. Македонија – една изборна единица, покрај на малите партии, е желба и на секој кој сака разноликост, еднаквост и реален парламентарен состав, каде што ќе се вкрстуваат идеите и потребите на поголем дел од населението.

Сега е шансата, помалите партии, особено оние кои се дел од власта да се изборат за ова, за да добијат прилика за рамноправен изборен натпревар со големите партии, но и за да ја зајакнат демократијата.

Како долгогодишен поборник на оваа идеја давам поддршка. Дали малите партии имаа сила да го истуркаат ова, не знам колку се тие самите убедени во својата сила? Затоа што сите досегашни нивни силни најави и големи закани – завршуваа во соопштенијата и во по некоја прес – конференција, односно со глумење – голем.

А токму малите партии, во секоја нормална демократска држава се вистинските коректори на власта, креатори на демократијата. Со една изборна единица, со шаренолик парламент, со јаки личности, гласот на народот ќе добие уште поголемо значење.

Веќе дваесет години чекаме акција од малите партии, да покажат дека пораснале и дека се подготвени за големи работи, а не само за големи најави. Овој закон е нивниот клучен испит – или нека докажат дека се големи или нека признаат дека само глуматаат и да заминат во историјата. А ние граѓаните ќе се обидеме преку граѓански иницијативи да го истуркаме ова, за да не дозволиме и во иднина државата да биде заложник на „Мурто и Курто”.