Нас ни треба Дедо Мраз што ќе однесува, а не што ќе донесува

Му стана навика на Дедо Мраз да ми се јавува неколку дена пред Нова Година. Овојпат ми презборе на македонски – ми вели го научив вашиот јазик како поддршка, оти гледам вашите министри ќе го продадат! И пак нешто почна да ми зборува што и како планира за Македонија во Новата Година. Кои желби можело да се исполнат во земјава. Одма му реков: За желби и планови ете ти ги Пендаровски и Ковачевски јави им се и кажи им се што треба, тие и така се навикнати да стојат мирно, да слушаат и да климаат со глава на секој што ќе им се јави „од горе“. Можеш и на Заев да му свртиш, тој и така на сите им се јавува. Еве нему можеш и да му се претставиш како Свети Никола – ќе ти поверува. Јави се кај Ахмети, ама планирај од секоја исполнета желба процент за партијата. Или јави му се на Мицкоски. Тој и така веќе две – три години ја дочекува Новата Година со единствена желба и молба да има избори и никако да му ја оствариш.

Ама тој не ме слуша што му зборувам, си продолжува да кажува. Демек сме имале иста бела коса и бела брада па тој да ми кажел мене, а јас да сум напишел. Е нема Дедо Мраз така годинава! Оти во Македонија не е веќе желба што треба да ни донесеш, туку желба е што треба да ни однесеш. Затоа годинава јас ќе ти кажам:

Прво, однеси ги од Македонија сите безрбетни функционери – политичари без цврста „кичма“, без самопочит и достоинство, кои, не само што не го чуваат и бранат достоинството на државата, туку го рушат на секој чекор. Со стратегија на климање глава, молење и клечење не може да се води земјата. А такви има многу. Нема да ти е доволна една санка.

Второ, однеси го мракот од Македонија.  Оти Новата Година ја дочекавме во темница. Не затоа што немавме струја, туку заради се што им се случува на државата и на народот: економска и енергетска криза, корупција и башибозук на власта, изгубено достоинство и газење на државните интереси, енормно задолжување и огромна сиромаштија… Тоа е големиот мрак!

Трето, однеси ја сиромаштијата, разочараноста и лошата енергија што ја обзема земјата. Тоа го ограничува секој развој на поединецот, на семејствата, на компаниите, на државата во целост…Оти имам впечаток дека 2022 година беше полоша и од претходната, но зарем го немаме тоа чувство на секој 1 јануари во последните десетина години. Ајде исчистија ја таа негативна енергија – нека се роди надеж меѓу Македонците.

Четврто, однеси го лошотилокот и општествената неодговорност кој е се поизразен кај нас. Човек не треба на другиот да му биде волк. Народот да почне да се да си помага еден со друг независно од националност, вера, партиска припадност… Помагањето е во генот на нашите дедовци, ама помладите генерации тоа го подзаборавија. Властите со својата себичност и без слух за проблемите, општествената криза и т.н. модерно ново време се виновни за тоа.

Имав уште да му речам, ама знам санката е мала, шесте елени ќе се преморат, затоа му потенцирав: најважна ти е првата. Ако ги решиш „бескичмењаците“ кои десетина години владеат со Македонија, полесно ќе ти биде со останатите желби.

Ако успееш во ова, следната година ние сами ќе си ги исполнуваме желбите, а ако не – следната Нова Година барај си ги политичарите!