Во Македонија се е по старо. Стопанството мака мачи, граѓаните исто така. Тешко е финансиски да се издржи кризата која стана долготрајна состојба. Се мачи и Владата, ама не со овој главен проблем на земјавта. Нејзината мака трае цела година и вниманието е насочено кон решавање на „бугарскиот уставен проблем“. Ја малтретираат јавноста со секојдневни најави и оптимистички ветувања дека „се е завршено“, обезбедени се потребните гласови, „ВМРО се согласи“… само треба формално измените на Уставот да поминат во Собранието. Ама никако да се охрабрат и уставните измени да ги пуштат во собраниската архива.
Затоа пак, онака тивко од страна, Владата одеднаш одлучи да влезе во процес на даночни реформи. И повторно со злоупотреба на европското знаменце, турка на брза лента закони за солидарност и за зголемување на ДДВ. Со други зборови, власта пак има намера да ја збрцна својата алчна рака во касите на компаниите и во џеповите на граѓаните. Кревкото стопанство и осиромашените граѓани, повторно треба да ја „спонзорираат“ ненаситната потребата на власта за трошење.
Слушнале ли тие дека стопанството кризира и му треба поддршка, а не нов камен околу вратот? За што и требаат уште пари, за да ја задоволи преобемната администрација? Па нели ќе се оценуваше, реформираше, намалуваше, ама…?
Се потсетив на еден интересен муабет, што го наслушнав пред три години, од тројца повозрасни граѓани на шеталиштето во Охрид. Двајца од нив, тогаш, беа превозбудени што тој викенд беше изгласана новата Влада и се потфалуваа како им било договорено за вработувања. На првиот за „ќерката во Царина“, оти ставала многу лајкови на тогашниот премиер Заев, а на вториот – снаата, ама и самиот, тогаш, не знаеше поточно во која државна институција. Само третиот од нив беше замислен и тивок, како што наслушнав бил вмровец. Но и тој се пофали: еве за неколку месеци се локалните избори, моите ќе го добијат Охрид, а син ми ќе стане важен човек во градската администрација.
Дали ќерката, снаата и синот на размуабетените Охриѓани навистина се вработиле на државно – не знам, но гледаме дека слични приказни на ова, надежи и очекувања за трофеј во лик на партиско вработување во државен орган се безброј. Со секоја промена на власт, и на државно и на локално ниво, се „бутаат“ нови административци насекаде, со единствена препорака: верноста и стажот во партијата, гласноста на митинзите и лајкувањата по социјалните мрежи.
Две децении веќе владејачките партии ја злоупотребуваат државната каса за задоволување на своите партиски потрчковци. Лепачите на плакати, митингашите, фејсбук ботовите, сестри, снаи, синови, швалерки… добиваат предност пред квалитетни и учени луѓе, чија единствена маана им е што не се во партија или не се во блиска врска со некој функционер.
А што е уште поапсурдно, нововработените ништо и не работат. Сите слушаме за примерите кои почнаа јавно да се вадат на виделина дека многумина не одат на работа, а земаат плата. За „рамковните“ ич не споменувам.
Епа, доста со ова пракса. Веднаш нека престане! Па не се стопанството и граѓаните крави кои треба ненаситно да се молзат за да има млекце за некои разгалени и алчни усти.
Нека почне конечно долго најавуваната реформа на администрација. Убаво, минатата година премиерот Ковачевски најави оти ќе почне со оценување на административците и носење одлука кој е вишок, а кој треба да се награди со повисока плата. Ама, како и се што досега направи владата на СДСМ и ДУИ, така и со ова: само најава, една недела малку бустирање на јавноста и молк…
Еве за да им биде полесно можат да почнат најпрвин со оценка на оние административци што со години се на платен државен список, а не се појавиле на работното место, односно воопшто и не знаат што им е работната задача. Втори на листата за оценување може да бидат оние кои се вработени „на државно“, а работат во странство „на приватно“. Еве реформата нека почне со решавање на овие вработени! Но, дали смеат да тргнат во тој процес? Оти најголемиот дел од овие луѓе се од ДУИ и од СДСМ. Од нив и ја црпат силата за победа на изборите. А тоа што, Македонија, бизнисот и граѓаните се поразени – не им е важно!
Ете затоа на власта пак и се брза и со новите закони за солидарност и за повисоко ДДВ. Им требаат дополнителни пари: избори се ближат – администрација повторно треба да се полни, за да се обезбедуваат плус гласови. А тие што и досега се навикнати редовно да плаќаат даноци, сега да плаќаат повеќе, а тие што незаслужено трошат државни пари – да трошат повеќе.
Ете затоа и не очекувам од власта реформа на администрацијата. Ете затоа треба да има избори што поскоро. Инаку, овие уште нови даноци ќе измислуваат.