Home КОЛУМНИ Струен удар за македонските лидери

Струен удар за македонските лидери

0

 Вчерашното 15 минутно невреме во Скопје покажа повеќе работи што ја мачат Македонија. Едната е дека двете најголеми партии веднаш почнаа да се препукуваат кој бил виновен за поплавените подвозници, за уништените возила… А допрва ни претстојат поголеми проблеми – како што е енергетската криза, очи ќе си извадат. Така „ослепени“ може ли да бараат решение за проблемите?

Во Германија, на пример, планираат фудбалското првенство да се игра од март до октомври, за да се избегнат големите трошоци за електрична енергија. Ќе се штеди на осветлување на стадионите, на греење на седишта и подтрибинските простории, на чистење… Во Македонија двете најголеми партии веќе цел месец „планираат штедење” само со соопштенија, надмудрувајќи се во чие време се купувало поефтина струја.

Во Германија, каде што фудбалот е светост, подготвени се народот да го остават без забава четири месеца и да се лишат од големите приходи од фудбалските тв права, а во Македонија лидерите не се подготвени да седнат на иста маса и да најдат заедничко решение како да се преброди престојната зима, да се ублажи ударот од ценовниот шок на енергенсите и конечно да започне процесот на енергетска транзиција. Наскоро ќе треба греење. Го знаат ли тоа „лидерите“?

Сепак, за владеачката партија е најважно обвинувањето дека Мицкоски како директор на ЕЛЕМ купувал прескапа струја. Ако власта има докази за тоа веќе пет години имаше можност преку институциите да го санкционира. Опозициската партија пак обвинува дека сега се купува поскапа струја, а не кажува начин како да се дојде до поефтина.

Срамота и за двете партии, оти тие и не доведоа во сегашната криза. СДСМ што веќе пет години не презема ништо конкретно (а и претходно кога беше на власт само на продавање електро компании мислеше), а ВМРО-ДПМНЕ затоа што уште пред десет години имаше можност да ја реши оваа криза со изградба на хидроцентралите Чебрен и Галиште. Но, на тогашниот премиер Груевски не му се бендиса ЕВН како најреален понудувач, па го поништи тедндерот. Го поништи и следниот. ЕВН виде „колку е саатот”, па наместо нашите хидроцентрали, ги изгради каскадните на реката Дрим во Албанија.

Затоа бре политичари, лидери, партиски експерти… ајде заборавете сега на политика – не е ова дискусија за нови избори, за нова Влада, министри… не е ниту кампања, ова е егзистенција, прашање кое ги засега сите граѓани, сите компании. Најдете заедничко најдобро решение како во зима да се стоплат домовите, а со тоа стоплете ги и срцата на народот така што еднаш ќе покажете заедништво во интерес на Македонија. Па нели, кога се работи за државен интерес и граѓанска потреба, постојано го трубите тоа: заедништво, национално обединување, соработка… Покажете го сега тоа на дело.

Еве на пример, седнете заедно сите енергетски експерти од партиите, поканете и независни стручњаци и дајте решенија. Без вечни политичари и шминкери – само експерти. Добро, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски е и стручњак во енергетската област, па треба да е присутен, затоа еве за да не се лути и Ковачевски нека седне на масата – нека слуша барем паметни решенија.  Ќе нема струен удар на таа маса, нека не се плашат лидерите.

Под итно треба да се започне процесот на транзиција во енергетиката во државата, во стопанството и во домовите. Обновливите извори се иднината, а на Македонија природата и ги дало сите услови за тоа, само треба паметот и ресурсите да се насочат натака. И под итно да се формира тело, независно од политиката, кое ќе го раководи овој процес. Но и да го контролира во делот на набавките и делот на загубите (крадењето). Во криза, орото го водат профитери, обично блиски до власта, кои, преку огромни провизии, трупаат екстра профити при набавките на струјата. Но и многу се краде! Тоа мора да се спречи! Еве арачиновци си призаа дека крадат околу пет милиона евра годишно, но не утешија дека тоа било само десет отсто од вкупните кражби. Па колку се краде? 50 милиона евра годишно? Ќе го спречи ли некој тоа? Или ние сите што плаќаме ќе треба да се тушираме секој трет ден и да седиме во мрак по 22 часот, за да има повеќе струја за крадење. Таа е бесплатна!