Во избирачките кутии е вистината, а не кај глумците

Во предвечерјето на третата „корона” есен, кога цел свет го дрма економска, енергетска и безбедносна криза, пак не надлетаа авионите на НАТО. Исто како и пред две години – не потсетија дека сме дел од најголемата безбедносна Алијанса. За да не заборавиме дака тоа членство може да ни донесе големи придобивки, пред се економски. Така не убедуваа овие од власта, кога требаше да се плати жртвата за членство – да се смени името на државата и да се поткопа идентитетот македонски: ќе течат неброени милиони од инвестиции, нови автопатишта, фабрики, раст на стопанството, развој на компаниите, благодет за граѓаните…

Македонија влезе во НАТО, а нашите власти веднаш почнаа да чекаат на границите да ни влезат инвеститори. Ене уште ги чекаат! Но не е само до членството, во НАТО, се си бара посветеност, способност и работа. Не само ветувања од Владата и фалби кога ним тоа им е потребно. Ветувањата ги даваат и забораваат, ама затоа пак народот не заборава – ги потсети на минатогодишните локални избори, дека го излажале.

Повторно ги потсети и минатиот викенд на вонредните избори во Тетово, оти на глумци не им е местото во власта, оти народот веќе нема стрпливост да чека и оти довербата во партиите од Владата ја изгубил. Им испрати на СДСМ и на ДУИ јасна порака – време е за предвремени парламентарни избори. Затоа што со своето петтогодишно владеење ја претворија Македонија во циркус држава каде односите меѓу луѓето се развиваат по принципот на партиска припадност, успехот се мери по линија на фамилијарна поврзаност, а растот и развојот? Е нив ги нема! Не успеаја државата да ја развијат како општество во кое поединецот ќе се реализира, ќе напредува, ќе создава и ќе ги остварува своите права, без разлика на партиската и семејната поврзаност. А Македонија тоне секој ден, како жртва на фамилиите од власта што ја злоупотребуваат.

Но, тетовчани го потсетија и ВМРО-ДПМНЕ, оти, иако се опозиција, имаат обврска да ја бранат државата, а не да се „првоборци” само на социјалните мрежи и преку соопштенија. Иако го победија СДСМ, сепак и нивните гласови од пред девет месеца се значително намалени. Нивниот лидер Мицкоски треба и во пракса да покаже дека неговата броба за Македонија е реална. Оти, ако сака да покаже дека навистина се бори против промената на Уставот и новото национално предавство, пратениците од неговата коалиција уште денес мора да си дадат оставки. Така ќе ја блокира промената на Уставот до новите избори. Ќе го спречи она што најверојатно ќе се случува следната година – врбување и купување на пратеници. Едноставно, ќе нема пратеници на пазарот.

Точно е дека, по оставките на постојните пратеници, во Парламентот ќе влезат следните од листата, но ако лидерот има контрола во партијата и тие ќе си дадат оставки. Точно е и дека, во тој случај власта ќе се обиде да распише вонредни избори за 44-те испразнети места. Избори што ВМРО-ДМПНЕ ќе мора да ги бојкори, па нека си остане СДСМ сам на бришан простор, за да го доврши предавството, а опозициската партија заедно со народот преку простести на улица да го спречи тоа и да предизвика предвремени избори.

Нели целта на ВМРО-ДПМНЕ се предвремени избори? Или пак и нивниот лидер е глумец кој „као бара избори, ама Бога моли да не ги добие”.

Глумци во македонскиот политички филм има многу, и во власта и во опозицијата. Сите досегашни филмови, на гласачите им се „изгледани”. Затоа и на изборите во Тетово излезноста беше едвај над 30 отсто. Затоа и на следните парламентарни избори партиите ќе имаат мака да ги извадат луѓето на гласачките места. Оти народот сака нови лица, лидери, нов филм, а не ефтини глумци кои веќе 20-30 години ги играат истите улоги, со реплики суфлирани однадвор.

На Македонија и треба Влада која моќта ќе ја добива од народот, а не од Брисел. Во избирачките кутии е вистината, а не кај глумците.