Владата ни е светски економски бренд

Кој е фокусот на македонската Влада во последно време? Што таа прави за подобро живеење во Македонија? Ова се прашања што секој граѓанин си ги поставува. Одговорот е едноставен – министрите сосе премиерот решаваат чиј е Гоце, што биле Светите Климент и Наум… Страшно!

Мисли ли некој во Владата на економијата, на развој, на народот, како ќе се преживее зимата… Или додека целиот свет е растрчан по инвеститори, а државите се во градежна офанзива и во потрага по нови и поефтини извори за енергенси, нашата власт прави се за да угоди на соседите.

При тоа, под економија не подразбирам да се „плеснат” 130 милиони евра државна помош за некоја фирма, чие име првпат го слушнав, што во Тетово ќе градела фабрика за електрични возила. Ако веќе има толку милиончиња за ова намена, зошто нашите економски промотори не ги донесоа на пример, Нисан или Тојота? Брендови кои сами по себе се гаранција дека работата е сериозна. Ама нашата Влада мисли дека таа самата е бренд и не и требаат етаблирани играчи во бизнисот.

Под економија не ги подразбирам ниту најавите на министерот за финансии за зголемување на постојните даноци и воведување на нови. Полекате бе луѓе! Па нели гледате дека веќе три години сме во голема здравствена и економска криза. Умираа луѓе, ама умираа и бизниси. Стопанството е истоштено, инфлацијата галопира, нема свежи пари, многу фирми си должат една на друга и банкротираат, а голем дел од народот буквално не може леб да си купи. Веќе не може ниту да се замисли со „иљадарка” да се влезе во маркет како порано. Што е ова сега со зголемувањето на даноците? Така ли го замислувате развојот? Пак да се граба од народот, за да се трошат парите по разни сомнителни тендери и набавки, непродуктивно трупање на партиски војници на буџетска плата и државни субвенции на непознати компании.

Ако веќе имате план да оданачувате направете го тоа и со бизнисите што остваруваа екстра профити во време на корона кризата. А не, како што ви е најлесно удри по народот, грабни од сиромашните – дај на богатите. Некој изгледа премногу читал Алан Форд романчиња.

Еве ви идеја – оданочете ги провизии што ги лапкаат владините функционери, оти јавна тајна е дека секоја услуга си има своја тарифа. Или пак влезете во даночните оази – региони во Македонија што не знаат што е тоа данок и фискализација.

Ама не, на власта и е најлесно пак да земе од таму каде што и досега земаше, затоа што економијата ја подразбираат како во вицовите за „мали Џокица”. И колку да е смешна и лажна веста дека инспектори на УЈП на свадбите ќе ги бројат парите заедно со младите, не ме чуди и да е произлезена од некое размислување на владините економски експерти. Можеби висината на данокот ќе зависи и од тоа колку време невестата играла на оро до свекрвата или колку младоженецот бил активен на првата брачна ноќ.

Да бидам сериозен. Нашата Влада се покажа како експерт за префрлање од шупливо во празно. Од една страна сака да зема пари и да ја загрозува егзистенцијата на огромен број луѓе, а од друга страна непотребно се расфрла со пари и крајниот економски ефект е минусен. Економијата не се развила, а народот е уште посиромашен.

Залудно вистинските економски експерти апелираат дека треба да престане оптоварувањето на граѓаните и стопанството со нови и поголеми давачки, а власта да заборави на расипничкото трошење. Државното кесе е празно, долговите се трупаат, дефицитот на буџетот расте…

Но, ако имавме нормална власт ова ќе го разбереше и ќе сфатеше дека треба да води сметка за буџетските средства, за граѓаните, за стопанството, за државата… А бидејќи имаме власт која мисли само на себе и како да „украде” уште некој месец владеење – ова не ја интересира. И така долгот што го прави – ќе го враќа друг, а цената за расипништвото ќе ја плати народот.