Без вистинско и континуирано развивање и негување на културата едно ооштество не може да напредува. За тоа се свесни сите држави, сите градови. Затоа е потребно да се вложува во неа, да се јакнат институции и да се поддржуваат уметниците.
Но, дали во Македонија, во Скопје е така? На кој голем културен настан можете да се сетите во последно време? Има ли нешто ново, модерно…?
Нормално ли е под големи културни достигнувања да се подразбираат концертите на Цеца, Аца Лукас, Мерлин и „остала” екипа?
Но, сепак, сакам да нагласам – планот Скопје да стане културна престолнина е убав и корисен и треба да успее! Воведните зборови ми се за да алармирам дека работите не се едноставни и нема да се решат со пропаганда, туку со многу работа. Скопје е полно со шареноликост, традиција и историско наследство. Секое ќоше, секоја уличка во Скопје е култура, наследство од староримскиот, византискиот, османлискиот период. Ете тоа прво мора да се репарира и спастри. А има време за тоа, иако градските власти се познати по брзината на полжавот.
Потоа треба да се погледне сегашниот извор на култура во Скопје. Поддршката на уметниците не е давање на социјална помош, туку инвестирање во вредностите на општеството, во посебноста на скопската култура, на македонската традиција. Затоа што Скопје, покрај наследството, има и јаки поединци: Влатко Стефановски, Симон Трпчевски, Милчо Манчевски… Да набројувам ли уште? Што Градот направи за да ги вклучи во менаџирањето на културните институции, како им помага да ја претстават нашата култура надвор, но и да донесат свои пријатели во Скопје. Скопјани да уживаат во волшепствата и на други странски уметници. Но, заборавам: и да дојдат каде ќе настапат? Во Универзална сала? Онаа истата сала – културен центар во Скопје со децении, која во последните три години остана само како грд споменик на некултурата и непосветеноста на градската власт. Нереновирана, нечепната, заборавена… На неа се потсетуваа само на прес конференции кога најавуваа рокови за реновирање и сега пред избори кога нешто почнаа да копаат.
Скопје заслужува да биде Европска престолнина на културата, затоа што има многу предности, но и една маана – негрижата на градските власти. Се сеќавате ли на некој културен настан во Старата чаршија во последниов период или некаква културна активност покрај Аквадуктот. Знае ли некој дека во Бардовци се наоѓаат Хавзипашините конаци – измислени за театарски претстави, изложби, концери. А сте слушнале ли нешто ново, аткрактивно од Музеј на Град Скопје, разните културни центри и домови на култура. Не се ни вработените во тие институции толку виновни за слабата активност, колку што буџетот не им дозволува да работат. Затоа што културата за градската власт е очигледно „тринаесетто прасе” – на дното на приритетите. Таа не носи гласови на изборите, но секоја власт има обврска да го негува, чува и развива културното наследство за следните генерации.
Значи да се тргне во планско и сеопфатно работење. И да се разбереме, ќе биде добар почеток ако културно се ветува за културата во Скопје.