Home КОЛУМНИ Водно не ги разбира законите со кои го штитат

Водно не ги разбира законите со кои го штитат

0
Водно не ги разбира законите со кои го штитат
Сонот што ни го најавуваа како јаве беше – Скопје ќе стане зелена престолнина. Една од поголемите зелени оази требаше да биде Водно.

Природата го дала такаречи во самиот центар на Градот (нешто за што вистински сонуваат многу метрополи во Светот), па градоначалниците требаше тоа да го искористат, раззеленат, очуваат и ете онаа познатата скопска изрека – Водно се белите дробови на Скопје – да стане вистина. Но, наместо тоа, Водно стана мета на багери, градежници, бетон…

Имаше дури и еден период кога секој ден да погледнеш кон Водно ќе видиш дека линијата на зеленилото се подигнала нагоре – кон врвот, односно нов ред згради или куќи се насадиле наместо дрвјата. Сега одеднаш, Водно си доби Закон за негова заштита.

Кога решив да пишувам за ова, намерата ми беше да ја пофалам заложбата на Владата за прогласување на скопската планина за заштитено подрачје. Но, како повеќе истражував, чепкајќи по реакциите на активистите и екологистите, нивните апели и пишувања, сфатив дека работата не е за пофалба. Новото владино законско решение не нуди сигурност за спас на Вoдно од урбаната агресија и се позачестеното сечење на шумата. Напротив, нуди помала заштита, отколку со претходните решенија. Владата со новиот Закон за Водно уште една покажа дека нема слух за мислењето на вистинските експерти. Поедноставно и е кога се потпира на мислењето на „нејзините” експерти. Како само да сакала да си ги прецрта обврските како завршени. За Владата со овој Закон, Водно е спасено, за екологистите ова е почетокот за масовно уништување. Покрај тоа што не ги слуша експертите, Владата при донесувањето на овој закон се оглушила и на препораките од некои нејзини институции кои јасно укажуваат дека на овој начин не се гарантира потполна заштита. А незаштитено Водно, значи и небезбедно Скопје.

Имено, во минатото Водно бил гол рид, без шума, со постојано свлечување на земјиштето кон Скопје, при секој посилен дожд. Експертите од триесетите години од минатиот век констатирале дека мора да се пошуми за да се спаси Градот. И се пошумувало со години и години, се додека Водно не го добил ликот од пред десетина години. Тогашните власти мислеле на идните генерации, за жал денешните и оние од пред десетина години мислат само на профитот – како Водно да се урбанизира.
Прашањето е зошто се дозволи грдосиите од згради да стигнат речиси до Средно Водно и зошто наместо дрвја таму почесто никнуват згради. Зошто сето тоа не се спречи навреме?

А да прашам и до каде е со пошумувањете од 700.000 евра, кое беше ветено по сечењето на шумата заради изградба на гасоводот? Мора ли да се чека севкупното негово завршување за да се пошумува? Не може ли тоа да почне
на оние делници од трасата што се завршени? И зошто не се пошумува и на места каде воопшто не поминува гасоводот. Зарем на Водно ќе се садат само згради и хациенди, а за дрвца ќе се чекаат други времиња? Ќе потенцирам пак, дека добра е намерата на Владата да се заштити Водно, но нели и досега се штитеше, па секој ден се „убиваше”. И во минатото, Водно беше заштитено, но тоа не ги спречуваше багерите и моторните пили оро да водат меѓу дрвјата. Заштитата не се прави само со прописи и закони,ниту со прес-конференции,најави, фалења,туку на терен со контроли, со казни и со забрана за сечење шума и градење.

Дали досега така правеа?

Водно не знае да чита, нема ниту да знае дека има закон кој многу го штити. Ама Водно разбира што му се прави па затоа и послабо дишат скопските бели дробови.
Тоа со Закон не се оправа!