Home КОЛУМНИ За промена, ни треба Македонец за премиер!

За промена, ни треба Македонец за премиер!

0
За промена, ни треба Македонец за премиер!

Почна изборната кампања, ќе се засили политичкото лажење. Се потсетувам на анегдотата од минатото, за наш политичар, кој шетајќи по планинските села во Западна Македонија им ги решавал проблемите на граѓаните, барајќи им ги гласовите.

Во едно село му рекле дека имаа два големи проблема. Првиот е дека имаат амбуланта, ама немаат доктор. Станал политичарот од маса и почнал да зборува на мобилниот на повисок глас. Се вратил и самоуверено им рекол: „ решен проблем, сега зборев со министерот, средено е, веднаш по изборите имате доктор овде, и прашал: а кој е вториот ваш проблем? – Второто е што во селово ние немаме мобилна мрежа, му се пожалиле селаните!

Гледајќи ги најавите, а и ликовите кои се бутаат да станат или да задржат власт, очекувам и од оваа кампања да се изродат слични анегдоти на оваа. Фалење, лажење, нереални ветувања… Навикнати се дека сопартијците ги следат и им веруваат. Ама тие се само дел од народот, а и тој почна да прогледува. Другите одамна знаат да препознаат „фејк” политичари и на овие избори, не само што очекуваат, туку и бараат да не бидат лажени со нереални ветувања и неостварливи проекти.

Оттука, каков премиер ни треба?

По маркетиншката патка од ДУИ дека време е за премиер Албанец, би сакал да промовирам дека на Македонија конечно и треба премиер МАКЕДОНЕЦ… за промена! Македонец со најголемо М. Македонец, кој и не мора да биде етнички Македонец, нека биде и Албанец, Турчин, Ром… но нека биде патриот, вљубен во Македонија, почитувач на минатото, традицијата и историјата, водач и слуга на својот народ. Македонец кој и не мора да биде маж!

Бараме да не води скромен човек со високи морални, лични и професионални квалитети, чесен, патриот, кој не се плаши од правдата и од вистината, да знае да носи одлуки, но и да слуша. Да биде опкружен со паметни и докажани луѓе, а не со неспособни партиски апаратчици, чиј поглед на свет е само до партиските ровови.

На Македонија и е потребен премиер Македонец, кој разбира што е татковина, патриотизам, традиција, верба и историја (и нема да ги менува како да се чорапи), кој верува во државата и својот народ. А не, премиер кого го интересираат само народните пари и цел ден размислува како нив да ги потроши кај свои роднини, пријатели и партиски спонзори за невидливи проекти. НЕ за премиер, кој размислува само како да „купи ден” и да ја зачува власта и кој наутро ветува едно, напладне се заколнува во друго, а навечер прави сосема нешто трето. НЕ за премиер кој се буди како Македонец, на пладне веќе националното не му е важно, навечер други прашува што да биде, а си легнува како човек од „нашата земја“.

Ни треба премиер, кој нема туѓите размислувања опасни по државата, да ги прифати како свои, понижувајќи го својот народ, без никакво чувство на непријатност и на кој се друго ќе му е поважно, (па макар тоа било и ЕУ), од народните интереси. Сакаме премиер кој нема да биде послушник, кој ќе коленичи по странски амбасади и по разни канцеларии, фалејќи се со познанства и пријателства со третокласни странски функционери.

Дали на овие избори, ќе успееме да препознаеме таков човек? Мудар, квалитетен, бескомпромисен, кој нема да се прилагодува на зададените услови, туку ќе ги менува и ќе поставува свои, во интерес на државата и народот. Мора да отвориме „четири“. Лажговците многу ќе мамат и ветуваат, но да погледнуваме и наназад – биле ли Македонци до сега!?