Живејте, овде оставки не се даваат!

Афери, скандали… не можеме со месеци да постасаме сите „мангуплаци“ на власта да ги следиме. Да не им е тоа тактика?

Видовме низ годините, функционери со различни планови и визии за развојот на државата, кога претежно беа неодговорни, неисполнителни и неотчетни. Знаеја и да подлажнат, па и да поткраднат. Ама ова сега е надградување и проширување на таквите „успеси“. Сепак сите фотељаши имаа една заедничка нитка: оставка никако никој да поднесе кога ќе излезе јавно дека рачињата им се збрцани во македонскиот мед. Попрво душата ќе ја испуштат, отколку функцијата.

А во светот има примери кога од морални причини и душа се испушта: пред дваесетина години во Јапонија, директорот на Железниците се самоуби, откако возовите доцнеле неколку минути. Но, Јапонија е друга приказна – да се вратиме кај нас.

Во Македонија за испуштање душа, пардон, за напуштање на функција има еден Бог – лидерот на партијата. Затоа кај нас оставки ретко се случуваат! Тој чин се сфаќа како партиска работа, а таму важат поинакви правила. Ако на партијата не и е во интерес да признае дека некој нејзин функционер е одговорен за нешто – тогаш оставка ќе нема.

И сегашната власт, иако најавуваше поинакво работење – пред се голема отчетност, си го фати истиот правец како и претходниците. Се пуфкаа нешто во првите две години да објавуваат јавно кој министер колку кафе и вода испил, додека под маса тендерчињата врвеа, а одговорност немаше од никого. Сега ни за кафе не знаеме кој колку пиел, а тендерчињата пак си врват. А одговорност и оставка се зборови што не ги разбираат.

Така се однесуваат затоа што се начекале село без кучиња, критичката јавност се уште е турбо активна само на социјалните мрежи, интелектуалците чекаат некој друг да повлече, а најголемата опозициска партија бара оставки само преку соопштенија и прес конференции. Затоа нашите фотељаши се однесуваат како да се сами на светот и дека светот ќе пропадне без нив.

А во светот не е така. Таму оставките се секојдневие. Пред некоја година шведска министерка си замина од фукцијата затоа што ја фатиле со 0,2 примили алкохол, додека возела. Испила жената чаша вино, се качила во автомобил и чао за функцијата. Да, во нормалните држави, министрите надвор од работно време сами се возат, а не како кај нас да имаат на располагање шофер и службен автомобил 24 часа.

Или пак белгиска министерка си даде оставка, затоа што во јавноста излезе таен извештај со безбедносни протоколи. Кога ќе помислам какви ли не тајни документи излегоа од нашите министерства. Ухуууу! Одговорност презема ли некој?

И австрискиот канцелар Курц си даде оставка заради сомневања дека со државни пари се субвенционирале медиуми за да пишуваат позитивно за неговата партија. Бре, а кај нас? Еве го најновиот пример со експресните измени на Законот за медиуми кои предвидуваат државни пари за телевизиите. Дури и ЕУ вели НЕ – тоа е корупција на медиуми, ама…

Во Македонија постои и една институција која контролира како работеле државните органи. Државен завод за ревизија се вика. Ама џабе што секоја година читаме извештаи дека некои институции не работеле по закон. Џабе што ние читаме, кога тој што треба не чита! И џабе што функционерот што не добил преодна оценка за своето работење не знае дека треба да си замине.

Пуста функционерска душа – и се живее. Затоа власта има друго мото – живејте, оставки овде не се даваат!

Во нормалните европски држави, функционерите не се држат за функциите слепо и не го чекаат притисокот од јавноста, туку само оценуваат дека треба да заминат. Кај нас пак, функционерите даваат оставка единствено кога ќе добијат сигнал од партискиот лидер. Нели е време во Македонија, Ковачевски да го даде сигналот. Всушност нели е време и Ковачевски да добие сигнал!