Home КОЛУМНИ Зошто се плашат да го споменат името на државата?

Зошто се плашат да го споменат името на државата?

0

Македонските ракометари пак не дигнаа до врв! Не навикнаа да се радуваме како нација, да растеме и созреваме заедно со нив последниве 15 години, планирајќи го секој јануари како месец на ракометот – фестивал на македонскиот спорт воопшто. Едноставно ја радуваат Македонија!

Но, на што не навикнуваат нашите политичари од власта? Тие ја радуваат ли државата и народот?

Ако во неделата се радував на ракометниот успех, во понеделникот ме растажи честитката преку социјалните мрежи на македонскиот премиер кон ракометарите: „ Одиме на светско! Честитки момци за одличната игра и големата победа!”. Без разлика што таа честитка беше илустрирана со мало македонско знаме, прашањето е: Кој тоа оди на светско и кои момци? Зошто повторно официјални лица се плашат да го споменат името на државата? Ако е проблем името Македонија, ќе разберам, но нели не беа проблем зборовите Македонец и македонско. Зошто честитката не беше на пример вака: „Македонските ракометари на светско…. или Честитки Македонци за одличната игра…”

Ако во Преспа го „омажија” името, нели македонскиот идентитетот беше бетон, како што сакаше да се пофали поранешниот премиер Заев. Нели и придавката македонско не беше спорна. Оти сега страв да се употреби? Или премиерот Ковачевски се плаши дека ќе треба потоа да им се извинува на Грците, како што тоа со понизност го направи Заев, за време на Европското фудбалско првенство кога во еуфорија напиша: Браво за македонската фудбалска репрезентација.  

Не ми е јасно, зошто бре луѓе од власта самите си правите цензура? Зошто ги поткопувате и ослабувате македонските позиции пред соседите и пред меѓународната заедница? Зошто го ништите македонскиот идентитет? Е како тогаш очекувате другите да не почитуваат како Македонци, ако вие – кои ја водите државата сте однесувате како да владеете со ничија земја – безимена.

Да прашам: па што е проблем во честитката да се напише Северна Македонија? Тоа е сега уставното име на државата, кое вие го изгласавте и за што се тепате во гради дека е вашиот најголем успех. Е ако е така, зошто вашиот најголем успех не го почитувате? Се срамите од вашиот успех или се плашите да честитате со Северна, оти вашите „пиарџии“ ве убедиле дека споменувањето на придавката ќе ви го руши рејтингот? Не се секирајте за рејтингот, тој и така ви е тргнат во удолница како „автомобил без сопирачки”. Но, не само заради тоа што го сменивте името, туку заради корупцијата и лошите економски и социјални политики. А богами и заради лошите политика кон зачувување на македонскиот идентитет и во новата епизода „продавање на македонските национални интереси”. Е во таа епизода, нашите политичари од власта не само што се статисти, туку се и суфлери, па ако сценаристот заборавил да побара нешто, тие самите нудат. За нив изгледа е битно да има договор, цената не важна. Македонија има уште многу што да дава и распродава, додека тие што ја водат се плашат да го споменат името на државата. Или и сегашното име Северна Македонија не е бетон?